Интервју – Загорка Видоевска

Total Body Fusion

  1. За почеток, кажете ни нешто повеќе за себе — којa е Загорка надвор од салата?

По професија сум Магистер по стратегиски комуникации, вработена во Влада на Република Северна Македонија, сертифициран фитнес инструктор со долгогошно искуство во областа. Приватно сопруга и мајка на две деца, која и покрај динамичниот животен распоред се труди да најде време за себе и идејата за здрав и активен живот да ја пренесе на што повеќе луѓе, а меѓу другото да им даде пример и на своите деца за важноста на одржувањето на психичкото и физичкото здравје и грижата за себе.

  1. Како фитнесот стана толку важен дел од вашиот живот?

Многу често луѓето мислат дека на вежбањето се навлеков поради сопругот Мартин, но всушност не беше така. Јас почнав интензивно да вежбам во сала и да навлегувам во фитнесот па го запознав него и еден со друг само се поддржуваме да продолжиме да тренираме, па и подоцна да истото го претвориме во наши професии.

  1. Интензивно вежбате повеќе од 15 години. Што ве мотивира да останете доследни толку долго?

Никогаш на прво место не ми беше физичкиот изглед, иако можеби луѓето така мислат. На само 20 и некоја година ми беше дијагностицирана спондилоза на вратот, како и генетика на прав врат па првенствено почнав да вежбам редовно за да ги намалат симптомите кои ми ги нарушуваа квалитетот на живот. Резултатите кои доаѓаа и на физичко ниво секако дека ме мотивираа да продолжам, но секогаш на прво место беше она убаво чувство после тренинг и помислата дека правам нешто добро за себе што секако само се потврди во годините кои следеа.

  1. Како се роди идејата за Total Body Fusion?

Последниве две години, по една моја здравствена прилика која беше пропратена со сериозно вкочанување и болки во вратот, тежинскиот тренинг и теретана ми беа делумно забранети. Но, секако препорака беше да продолжам да вежбам со сопствена тежина и лесни тегови  и ластици. Две години многу ретко одев во сала и претежно вежбав дома, па така ја развив оваа програма која првенствено требаше да ми даде поддршка на телото и намалување на болките. Но, зачудувачки за мене открив комбинации на вежби кои меѓу другото ми дадоа и убав затегнат изглед на телото и издолжени вретенести мускули и резултати слични кои ги добивав во теретана. Сега идејата ми е да го пренесам овој пристап на што повеќе жени и девојки, пред се бидејќи програмата е соодветна за сите нивоа на подготвеност (дури и почетници) и сите возрасни групи бидејќи е безбедна и за жени во средни години и за жени кои поминале бремености.

  1. Колку личното темпо на живот — кариера, мајчинство и секојдневни обврски — влијаеше во создавањето на оваа програма?

Многу, бидејќи тренинзите се кратки и интензивни лесно се вклопуваат во брзиот и динамичен начин на живот. Секој може да двои еден час, два пати во неделата за себе, за подобрување на физичкото, но и психичкото здравје.

  1. Што всушност претставува Total Body Fusion и што го прави различен од останатите групни тренинзи?

Total Body Fusion е мултифункционален тренинг кој комбинира фитнес, пилатес и вежби за истегнување на целото тело. Вклучува вежби со сопствена тежина, лесни тегови, ластици, скокови и истегнувања, како и техники за правилно дишење и правилно изведување на вежбите. Тренингот има за цел да го обликува и затегне целото тело, со посебен акцент на зацврстување на задникот и стомакот, што го прави особено погоден за жени и девојки.

  1. Како успевате за само 50 минути да ги активирате сите мускулни групи?

Со правилна структура на тренинзите и тоа е возможно. Вежбаме 50 минути без пауза. Секој тренинг започнува со загревање и подготовка на телото, продолжува со вежби за обликување и зацврстување, а завршува со истегнување на мускулите. Овој пристап е многу важен бидејќи помага да се подготви телото за напор, да се намали ризикот од повреди и оптоварување на зглобовите, како и да се подобри флексибилноста и правилната положба на телото. Истегнувањата меѓу другото придонесуваат мускулите да добијат издолжен и вретенест изглед за поубаво оформено тело.

  1. На кои делови од телото е ставен најголем акцент во тренингот?

Тренингот има за цел да го обликува и затегне целото тело, дури и ситни мускули кои ни се потребни за правилна положба и држење на телето со посебен акцент на зацврстување на задникот и стомакот, што го прави особено погоден за жени и девојки.

  1. За кого е наменет овој тренинг? Дали може да го следат и почетници?

Апсолутно за сите, повеќе прилагоден за жени но секако дека бенефитите од него се за исти за сите. Имаме почетници кои неверојатно брзо влегуваат во подобра физичка подготвеност по само неколку тренинзи. А, како што кажав тренингот е безбеден и дава одлични резултати и кај жени во средни години. Бидејќи подобруваме држење на телото, флексибилност и баланс и секако затегнување на сите мускули на телото. 

  1. Многу жени се плашат да започнат со тренинг затоа што мислат дека „не се во форма“. Што би им порачале?

Да дојдат на еден тренинг и да пробаат. Кај мене сите клиенти го завршуваат тренингот комплетно. Меѓусебно се коригираме, се мотивираме и секако користиме заменски вежби и за оние кои сè уште не се на ниво на спремност за  да ги изведат сите вежби или оние кои имаат здравствени состојби кои бараат посебно внимание.

  1. Дали Total Body Fusion е добар избор и за жени над 40 години?

Најдобар. Жени над 40 кои не вежбале долго време или не вежбале никогаш во теретана доколку не вежбаат со тренер ризикуваат да направат притисоци на зглобовите и повреди. Овде вежбаме со сопствена тежина и лесен отпор и под надзор, ве коригираме и секоја можна повреда е сведена на минимум.

  1. Колку ви е важно тренингот да биде безбеден и правилно структуриран?

Најважно, безбедноста на клиентите е на прво место. Токму затоа постојано ве гледам и поправам кога грешите и не користиме ризични движења и тежини. Со правилно изведување на вежбите, големи тежини не ни се потребни за да имаме солидни резултати. Еве јас сум пример за некој што долго време не користи големи тежини. А сепак успевам да го зајакнам секој мускул.

  1. Во тренингот користите различни реквизити и техники. Зошто е важна таа разновидност?

Комбинација на вежби и движење е таа што дава добри резултати. Отпорот кај некои вежби и движења ни е многу важен за ги таргетираме саканите мускулни групи и добиваме подобрена сила и затегнат изглед . Се загреваме со скокови со сопствена тежина, но за вежбите покрај  сопствена тежина, често користиме ластици и лесни тегови. Комбинацијата од тие неколку техники е таа што е клучна за најдобар резултат.

  1. Покрај физичките резултати, што најчесто забележувате кај луѓето што редовно посетуваат тренинзи?

Подобрено расположение, самодоверба и енергија која за мене е и поважна и од самите физички резултати. И секако, докажано е и видливо дека позитивно влијае и на менталното здравје. 

  1. Ова е ваша прва група, а претходно сте работеле индивидуални тренинзи. Какво е чувството да се работи со групна енергија?

Мора да признаам дека работата со група многу ми се допаѓа и ме исполнува. Самото чувство дека сте му помогнале некому да направи инвестиција во своето здравје и изглед и го поддржувате на патот кон подобра верзија од себе е бесценето. А, кога станува збор за толкава бројка на жени е посебна привилегија за мене. Исто така вежбањето во група дополнително мотивира и охрабрува за максимални резултати. Колку јас вас ви помагам да се чувствувате исполнето, вие мене уште повеќе.

  1. Како изгледа балансот помеѓу професионалната кариера, мајчинството и фитнесот?

Бара многу организација и планирање, понекогаш тоа изгледа како трчање од една на друга активност, дневни обврски и исполнување на желбите на децата. Но, морам да признаам дека кога ќе си легнам навечер сум преблагодарна што сме живи и здрави и што успеваме да ги завршиме сите обврски и најважно да им обезбедиме среќно и безгрижно детство, но и да им помогнеме да изградат цврст карактер и дисциплина од мали нозе. 

  1. Што сакате вашите деца да научат гледајќи ве како активна жена и мајка?

Примерот што сакам да им го дадам е дека грижата за себе не завршува ни како жена и мајка. Сакам да им пренесам дека мора да се борат да ги остварат своите соништа и никогаш да не се откажуваат. И, дека цврстата волја и дисциплина ќе им помогне многу во животот. Живот со структура и дисциплина гарантира успех на сите полиња. 

  1. Што за вас лично значи „грижа за себе“?

Грижа за себе на сите полиња. Пред се грижа за ментално здравје и време за себе. Физичка активност за подобар квалитет на живот, повеќе енергија и повеќе можности за авантури. И секако пронаоѓање на баланс во животот помеѓу обврските во домот, родителството и задоволствата. 

Што добива една жена кога ќе дојде на Total Body Fusion — освен физичка трансформација?

Позитивна енергија, подобро здравје, подобрена самодоверба и изглед и континуирана мотивација и поддршка од мене како тренер и другите членовите на групата.

  1. И за крај — која е вашата порака до сите што се двоумат да почнат?

Дојдете на еден час и пробајте да видите дали ви одговара овој тип на тренинг. Досега нашите клиентки се презадоволни и од динамиката и енергијата со која работиме и од резултатите кои несомнено доаѓаат, што мене лично ме мотивира да продолжиме уште порешително кон целта.